Од пред десетина дена на екс министерот Миле Јанакиески му е укинат притворот за случајот „Титаник“, а укината му е и забраната да комуницира со останатите обвинети во случајот, но и со сведоците. Оваа одлука ја донел Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

Одбраната на Јанакиески вели дека укинувањето е резултат на тоа што не може паралелно да бидат активни две мерки куќен притвор. Јанакиески останува дома за собраниските настани од 27. април .

Судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство продолжува на 23-ти април, откако денешното рочиште се одложи поради отсуство на судијата Огнен Ставрев.

„Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази. Се презентираат лични документи, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи.

Претседател на судечки совет е судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е  обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање избкрна кампања.