Пренесувајќи ги настаните и реакциите во Македонија околу изјавата на португалскиот државен секретар по европски прашања Ана Паула Закариаш за „северномакедонскиот“ јазик, кој еднаш бил бугарски, електронското издание на софиски „Дневник“ изнесува нови детали од преговорите во Софија.
Според изданието, излегува дека покрај формулацијата, што Бугарија ја бара од Македонија, наместо „македонски јазик“ да стои „официјален јазик на Република СМакедонија“, постоел и друг предлог во португалскиот документ.
Изданието наведува дека оваа формулација не била содржана во изнесените барања од бугарското Министерство за надворешни работи, што беа објавени на 25 јуни.
Но, „Дневник„ натаму пишува: „Лисабон пред неколку недели подготви предлози за решавање на спорот, што не беа објавени, но според информациите, кои протекоа во медиумите, тие содржеа компромиси како потврдениот од Софија и од Скопје дека јазикот е еден, наречен на различни начини. За тој предлог Закариаш изјави дека тој е избалансиран и подготвен со разбирање кон двете страни“.
Оваа формулација, што ја споменува „Дневник“, пак, се разликува од таа што ја спомена премиерот Зоран Заев. Според Заев, македонската страна прифатила дека имаме „два слични, но различни и меѓународно признаени јазици“.
Сега клучно прашање е која формулација од португалскиот предлог е точна-дали таа дека станува збор за „еден јазик, наречен на различни начини“ или, пак, таа дека имаме „два слични, но различни и меѓународно признаени јазици“!?
Comments are closed for this post.