Историски најлош ранг на листата за перцепција за корумпираност на државата според последниот извештај на Транспаренстност интернешнл. Со пад од 5 места во однос на лани, Македонија е на 111 место во друштво на Панама и Монголија, а заедно со БиХ на дното во регионот според перцепцијата за корупција.
Промена во индексот нема, односно и годинава како и лани индексот изнесува 35. Ова рангирање е историски најлошо досега откако се мери во земјава, вели Слаѓана Тасева од македонското претставништво на Транспаренси Интернешнл.
-Ова е историски најлош резултат на индексот, до сега бевме најдолу на 107 и сега сме уште подолу, ова е прв пат откако Македонија се рангира, да имаме толку лошо рангирање, индексните поени 35 се исти како и лани. Апсолутно не бележиме никаков напредок, а многу е важно да се знае дека методологијата е заснована на истражувања не постари од две години, вели Тасева.
Индексот во изминативе пет години се движел од 37 до 35 со што и рангирањето било од 90 место до денешното 111 место. Тоа значи дека земјава не покажува никаков или слаб напредок во борбата против корупцијата.
Тасева објаснува дека истражувањата кои се земени во предвид за македонскиот резултат покажуваат сериозен пад на клучниот индекс на владеење на право и правда.
-Тоа укажува директно на тоа дека ние не се справивме соодветно со корупцијата во судството и не се спроведе таа ветувана реформа во правосудството и другиот индекс каде што бележиме пад е Фридом хаус, значи човекови права и слободи, клучните работи кои што требаше да се земат први во реформите. Таму бележиме пад и како резултат на тоа, ние бележиме пад на индексот, тука е директната врска, вели Тасева.
Од земјите во Западен Балкан подобрувања бележи само Албанија со скок од две позиции на ранг листата, додека кај Хрватска нема промена.
Comments are closed for this post.