За средбата на албанскиот премиер Еди Рама, на која беа поканети лидерите на политичките партии на Албанците во Македонија, доцна синоќа објава на Фејсбук имаше Рама.
Тој постираше и фотографија од неформалната вечера во владината вила во Тирана.
На средбата присуствуваа Али Ахмети од ДУИ, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи, ДПА и Африм Гаши, Алтернатива. Од поканетите не присуствуваше само Билал Касами од Движењето БЕСА.
Со Рама беа и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија Таулант Бала и генералниот секретар на партијата Дамијан Ѓикнури.
– На здравје! Добра година за Албанците каде и да се #Албанско братство #AlbanianBrotherhood
Албанските лидери на средбата уживаат со вино.
Рама не наведува за што разговарале, но по средбата лидерот на АА, Таравари на новинарско прашање потврди дека „меѓу другото е разговарано и за уставните измени”.
– Да, меѓу другото разговаравме и за уставните измени. Познато е дека нема ниту еден лидер на албанска политичка партија во Македонија кој не ги поддржува уставните измени, со единствена цел во ноември да почнат реалните преговори со ЕУ, рече Таравари.
Според него, ја анализирале и општата состојба во Македонија, Албанија и регионот, руската инвазија врз Украина, економската ситуација и заедничката иднина на Скопје и Тирана во правец на ЕУ, со став „како земји членки на НАТО заедно да го продолжат патот до ЕУ”.
Тој не сакаше да го коментира неприсуството на Движењето БЕСА, велејќи дека тоа е одлука на партијата.
Таравари потврди дека во Тирана, пристигнал од Приштина, каде што имал средби со косовската претседателка Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти, со спикерот на парламентот и со лидери на политички партии.
Претходно, уште во текот на средбата, Њуз24 јави дека тема била внатрешно-политичката ситуација во Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за обезбедување мнозинство за изгласувањето на на уставните измени во македонското Собрание
Comments are closed for this post.