Алтернатива самата ќе донесе одлука дали да се приклучи кон Влада во која е ДУИ, но за лидерот на Алтернатива Африм Гаши како личност имам најубави зборови, изјави Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијанса за Албанците, пред средбата на Гаши со премиерот Зоран Заев на која ќе се разговара за влез на Алтернатива во Владата, а која треба да се одржи денеска.
„Не се знае што понатаму ќе се случува, а за Алтернатива можам да кажам дека самата партија треба да донесе одлука како мислат дека е најдобро за нив, но мислам дека бродот на Заев полека тоне“, изјави генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за телевизија Шења.
Смета дека оваа Влада нема да „плови“ подолго од пет-шест месеци. За својот коалициски партнер Алтернатива Таравари нема лоши зборови, особено има убави зборови за нивниот лидер Африм Гаши.
„Африм е еден од најхуманите луѓе што ги имам сретнато во животот. Можеби имавме грешки во коалициската соработка кон нив, можеби имаа грешки и тие, не постигнавме добри резултати како албанска опозициска коалиција на изборите иако имавме многу добри кандидати. Беким Сали во Чаир веројатно беше најдобриот кандидат од сите што имале свои кандидати на локалните избори. Но не успеавме. Се разбира, секоја партија понатаму има право на сопствени одлуки“, изјави Таравари за Шења.
Comments are closed for this post.