Осум месеци откако ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривичната пријава до Јавното обвинителство против Зоран Заев за поткуп и поттикнување поткуп во изборни цели, 8 месеци нема никаков одговор, допис, известување од Јавното обвинителство до каде е предметот, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Во кривичната пријава, поднесена е до обвинителството предводено од невидливиот Љубомир Јовески дека на ден на 13-ти септември, Зоран Заев, јавно, на трибина во Крива Паланка, ветуваше на граѓаните поткуп за гласање во општина, за да излезат да гласаат на референдумот. Притоа Заев самиот јавно посочи дека поттикнал бизнисмен да подели пари за тоа. Сиот доказен материјал од признанието на Заев, 10 месеци стои нечепнато во јавното обвинителството. На приложената видео-снимка како доказ, јавно објавена, се слуша како Зоран Заев јавно повикува на поткуп, се слуша дека признава како еден бизнисмен, односно сопственикот на „Минстрој“ веќе му ветил на Зоран Заев дека ќе ги награди работниците доколку излезат на тогаш претстојниот референдум.

Ќе потсетиме на изјавата на јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, кој што ја водеше таканаречената Комисија за следење противправности на референдумското гласање, дадена два месеци по референдумот, дека предметот против Заев бил оформен и препратен во ОЈО Куманово. И од тогаш молк! Нема ни збор ниту за предметот против Заев ниту за истрагите на обвинителството по 40 пријави за полнење кутии, фотографирање, неовластено снимање, притисок, агитирање“, рече Стоилковски.

Ваквото непостапување, додаде тој,  е злоупотреба на службената положба и овластување но и отворена врата за нов изборен инженеринг каков што се случи на претседателските избори.

„Оттука, ги повикуваме Јавните обвинители, да го искористат моментот кога Зоран Заев, премиер, а воедно и главен реформатор на правосудството, по изборниот инженеринг замина на одмор, и да го спроведат она за што дале заклетва и се обврзале со преземањето на функцијата Обвинител! Владеењето на правото и на правдата, заштитата на човековите права и на демократијата, се насушна потреба на граѓаните и тие тоа го порачаа на последниот изборен циклус. Демократијата подразбира дека никој не е над законот, па ни Зоран Заев“, порача Стоилковски.