Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вели дека еден од условите за одржување на лидерска средба било организирање на предвремени парламентарни избори. На утрешната лидерска средба вели дека очекува власта да покаже сериозност и кога е направен исчекор, да не се враќа на почетните ставови.
„ВМРО-ДПМНЕ и досега покажало дека се што е во интерес на Република Македонија и на граѓаните на Република Македонија активно учествувала и придонесувала кон подобрување на состојбите и кон напредок на државата во евро-атлантските интеграции и во однос на носење на закони кои што навистина носат квалитет во понатамошното делување на државата. Секако тоа не е безусловно и не може да се поддржи било каков законски текст, само и само да се каже дека е донесен законски текст“, вели Стоилковски.
Во однос на писмото кое Јанева го испрати од притвор со кое бара предметите од СЈО да ги преземе ОЈО, Стоилковски вели:
„Тоа и беше една од кажувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека предметите треба, односно се она што било претходно до оној легален момент на постоење на СЈО да се префрли во Јавното обвинителство, а понатаму Јавното обвинителство да си распредели кое каде ќе биде. Начинот на кој што сега се врши ова префрлање со писмо од притвореник кој што управува со еден ваков многу важен материјал е апсолутно „non sense“ за кои што мислам дека правната наука ќе го изучува во иднина. Замислете притвореничката во моментот да издаде налог за апсење на Зоран Заев. Дали треба да се спроведе, сериозно го прашувам ова?“, потенцираше тој.
Comments are closed for this post.