ВМРО-ДПМНЕ денес и го честита вработувањето во Централниот регистар на Струмица на Фанија Костадинова, мајката на Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Македонија.
„Ова е голем успех на Костадинов, на СДСМ, на централната власт, со кој што општинската власт се здоби со млад, свеж, мотивиран, образован кадар, за плата од 25.000 денари врз основа на средното образование и никакво искуство, како што впрочем е побарано во распишаниот оглас! За ова вработување и синот – портпарол вели дека ниту СДСМ ниту тој лично имаат некаква врска“, рече Наум Стоилковски, партискиот портпарол.
Тој со саркастична критика подвлече дека тоа е начинот на кој „СДСМ се бори за професионална администрација во полза на граѓаните, вака власта се бори за департизација на администрацијата, вака се бори за транспарентност кон евроатланските вредности“.
Стоилковски притоа потсети и на случаите со вработувањата во државната администрација на ќерката на Талат Џафери, синот на Мирослав Грчев, сопругот на Магдалена Несторовска, син на Љубомир Фрчкоски.
„На локално ниво кон Европска Северна Македонија допринесуваат и двете внуки и зетот на прилепскиот градоначалник, братот на битолската градоначалничка, сопругите на градоначалниците на Берово и Неготино и низа други партиски итни и неопходни нови административци“, додаде Стоилковски.
Comments are closed for this post.