И покрај тоа што има сериозни наводи за корупција во власта, во Македонија се гонат политички непослушници и на „ситни риби“ – предупредува американскиот Стејт Департмент во свој извештај. Стејт Департментот вчера го објави извештајот за инвестициската клима низ светот, кој претходно, наводно по грешка, беше објавен, а потоа набрзина повлечен. Во одново објавениот извештај сепак се задржани истите забелешки за Владата на Зоран Заев и за влошената состојба со корупцијата во земјата.
– Иако законската рамка главно соодветствува на меѓународните стандарди, корупцијата е постојано прашање… Владата генерално ги спроведува законите, но има многу навестувања дека некои функционери се вмешани во коруптивни активности. Транспаренси Интернешнл ја рангираше Македонија на 111то место од 180 држави во својот извештај за перцепција за корупцијата за 2020 година, што е пет места полошо во однос на претходната година, и 13 во однос на 2018, пишува во воведот во извештајот.
Во поглавјето за корупција, оценките се уште по-сериозни. „Законите за борба против корупцијата повремено слабо се применуваат и со нив селективно се гонат критичари на власта и ситни прекршители. Има сериозни обвинувања за корупција во полицијата, судството и во многу други сектори.. ДКСК отвори низа случаи поврзани со корупција, кои се однесуваат на високи функционери од сите делови на политичкиот спектар, кои се обвинети за непотизам и судир на интереси. Откако Специјалната Обвинителка беше обвинета рекетарство во ноември 2019 година, и откако истече мандатот на Специјалното Јавно Обвинителство, сите случаи на СПО (кои потекнуваа од големиот скандал со прислушкувани кој откри распространети злоупотреби од поранешни јавни функционери и корупција со јавни тендери) беа префрлени на одделението за организиран криминал на Јавното Обвинителство, пишува во извештајот на Стејт Департментот.
Comments are closed for this post.