Поранешниот член на ДИК, Анета Стефановска обвинета во „Титаник 2“, во завршните зборови пред судот рече дека не е виновна за делото кое и’ се става на товар. Тврдеше дека секогаш работела по закон и лично убедување.
Во мојата работна кариера немало ниту една грешка. Затоа не знам зошто суд денес тука. Тоа гласање не оставило некаков впечаток, дури и не се сеќавам како сум гласала, бидејќи секогаш сум гласала по закон и по сопствено убедување. Еве тука се сите, нека каже некој дали ми влијаел како да гласам“, рече Стефановска, која додека зборуваше се вознемири и се расплака.
Пред судот рече дека не сторила ништо погрешно и дека и денес да треба да гласа, исто пак би гласала.
Важам за достојна личност, имам голем углед и авторитет. Многу ми е срам што сум тука без ниту една причина. Ова негативно влијае врз моето здравје“, рече обвинетата и побара ослободителна пресуда.
Предметот „Титаник 2“ се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, а обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијаков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Според прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори за Струмица.
Comments are closed for this post.