Зоран рекол, Заев порекол. Вака би можела да се опише старо-новата коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ.
И додека граѓаните се навикнаа од лидерот на СДСМ едно да зборува наутро друго навечер, се чини дека на зборот не си остана ниту Али Ахмети. За време на предизборната кампања тие двајацата си изнакажаа се и сешто. Вчерашниот договор покажа дека или двајцата добро глумеле или пак толку им држи зборот.
„Време е ДУИ да замине во опозиција“, „Пет пари не вредат и се борат само за пари“, „со криминалците од ДУИ нема коалиција“ се само дел од „славните“ изјави на Заев за ДУИ.
Но, и Ахмети очигледно ги заборавил „навредите до гроба“ како што ги рече зборовите на Заев.
Ахмети велеше и дека „Заев ќе се напие две ракии, а после се извинува“, на што лидерот на СДСМ се правдаше дека воопшто не е по чашката.
Критиките еден кон друг особено се интензивираа кога ДУИ ја промовираше идејата за премиер Албанец. Но, „Pse jo“ се покажа дека било само маркетиншки трик и привлекување на гласачи, бидејќи ДУИ освен национализам и нема што да им понуди на своите гласачи.
Од премиер Албанец, барање од кое велеа нема да отстапат, Ахмети се задоволи со трошки, односно последните три месеци од мандатот на оваа влада премиерот ќе бил од нивните редови. Но, кој може да гарантира колку ќе издржи оваа влада, која и онака има тенко парламентарно мнозинство.
Кога веќе не се испазарија за премиерско место како што бараа, ДУИ тоа добро ќе си го наплати на другите позиции во власта.Па така, ДУИ ќе го добие министерското место во финансии, полицијата, дипломатијата, прв човек во УЈП, а и Талат Џафери ќе остане на чело на Собранието.
Очигледно е оти Заев се согласил барем на три месеци да го отстапи премиерското место за да во тие сто дена да распродаде она што нема да може да го стори на внатрешен и меѓународен план за четири години.
Comments are closed for this post.