Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во пресрет на владината седница на која треба да се одлучи за полицискиот час кој го предлага Комисијата за заразни болести, не сакаше да прејудицира каква ќе биде конечната одлука, но порача дека е подобро да има рестрикции на пократко време отколку да се оптовари здравствениот систем.

Одлуките што мораме да ги донесеме никој не ги посакува, меѓутоа тие се резултат на однесувањето на сите нас. Ако не ги почитуваме препораките, ако не носиме заштитна опрема, ако се групираме и правиме настани коишто со сигурност значат ширење на вирусот, тогаш државата во еден момент мора да изреагира. Јас не би сакал да прејудицирам, ќе разговараме на Влада, ќе видиме која ќе биде крајната одлука, кој ќе биде габаритот на таа одлука, како и на кој начин ќе се реализира, меѓутоа како и да е таа мора да се реализира и почитува. Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку да имаме целосно оптоварување на здравствениот систем, рече Спасовски.

Тој вели дека истите граѓани што реагираат на полицискиот час многу повеќе би реагирале ако дојде до широка зараза на населението.

Предлогот за кој Владата ќе одлучува на денешната седница е полицискиот час да трае две недели во периодот од 22 до 5 часот. Мерката би требало да започне од утре.