„Најостро ги демантирам дезинформациите и шпекулациите во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица. Категорично ги отфрлам шпекулациите за наводни киднапери и наводна препродажба на човечки органи. Tоа се лаги и дезинформации. Ниту има случаи на киднапирање ниту пак на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи“, рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција.
Тој повторно апелираше да не се шири паника. Тој кажа и дека апсолутно се неточни информациите дека расте бројот на исчезнати лица, а за тоа посочи и статистички пример дека во 2017 година бројот на пријавени исчезнати лица изнесувал 370, а во 2015 бил 574.
Спасовски не сакаше да коментира многу за тоа кои стои зад ширењето на дезинформациите, но кажа дека најчесто тоа се прави од политички побуди.
„Очигледно е дека во тоа учествува некоја структура на луѓе која пласира лажни информации. Најчесто се од политички побуди, можеби и од некакви други интереси кои се во делот на пласирањето информации. Јас кажав и пред неколку дека е многу лесно да седнете пред компјутер и да напишете било што со тоа што во јавноста ќе кренете паника. За последниот случај поранешен вработен во МВР, поранешен началник, имаше статус со тотална измислица и лага на тој начин се добиваат информациите кои ги пласираат дел од новинарите и порталите“, рече Спасовски.
Тој сподели препораки за побрзо пронаоѓање на исчезнати.
Прво пријавете во МВР потоа проверете ги местата каде може тоа лице да отиде, неговото однесување, не кријте информации од полицијата, споделете фотографија со МВР, водете грижа за лицата кои имаат здравсрвени проблеми – посочи министерот.
Кажа дека преземени се сите неопходни мерки и се превземаат дејствија за пронаоѓање на лицата, но одби да каже какви мерки се преземаат.
Семејствата се известуваат за се – вели Спасовски, иако тврдењата на семејствата се дека тие не добиваат информации.
Протоколот за пријавување на исчезнати лица е јасен, рокот е 24 часа, но министерот тврди дека полицијата секогаш постапува веднаш по добивање на пријавата без разлика на формалниот рок.
Comments are closed for this post.