Клучните предизвици со кои се соочува Алијансата и натамошните чекори за зајакнување на одбранбените капацитети, но и приближувањето на Украина кон Алијансата ќе бидат клучните теми на кои ќе се осврнат лидерите на земјите-членки на НАТО денеска и утре на Самитот во Вилнус.
На Самитот, делегацијата на Северна Македонија ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во нејзиниот состав се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, јави известувачот на МИА од Вилнус.
Вкупно 48 странски делегации со 2400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави и влади и над 150 високи официјални претставници се очекува да присустуваат на дводневниот самит. Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, на Самитот во Вилнус учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија.
Состанок на Северноатланскиот совет ќе се одржи денеска, на чиј почеток до лидерите на земјите-членки на НАТО, ќе се обратат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и литванскиот претседател Гитанис Науседа. На состанокот освен лидерите на 31 земја-членка на НАТО ќе присуствува и Шведска, која е во исчекување да стане 32. членка на Алијансата и чиј прием беше забавен поради приговорите на Турција, која смета дека Стокхолм е премногу мек кон групите кои Анкара ги обвинува дека претставуваат безбедносна закана, вклучително и курдски милитантни групи и поединци поврзани со обидот за пуч во Турција во 2016 година.
Но по вчерашната средба на Столтенберг со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон на повидок е отворање на процесот. -Турскиот претседател Ердоган се согласи да го поддржи влезот на Шведска во НАТО, изјави Столтенберг по средбата и додаде дека пристапниот протокол се започнува и дека Турција потврдила дека ќе го ратификува влезот на Шведска.
За утре е предвиден состанок на Северноатлантскиот совет на шефови на држави и влади, со Шведска, партнерите од Индо-Пацификот и ЕУ, како и состанок на Советот НАТО-Украина исто така на ниво на шефови на држави и влади, а и на овој состанок ќе присуствува Шведска.
Планирани се состаноци на Североатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана и министри за надворешни работи.
Освен учество на состаноците на Северноатлантскиот совет, премирот Ковачевски ќе оствари и билатерални средби со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис. Во програмата, како што информира владината прес-служба, предвидени се и неформални состаноци на министрите за одбрана и надворешни работи, на кои ќе учествуваат и министерот за надворешни работи Османи и министерката за одбрана Петровска.
Столтенберг, чиј мандат беше продолжен на уште една година, неспоредно пред Самитот изјави дека од него ќе се испрати јасна порака дека Алијансата останува обединета и оти лидерите на земјите членки ќе усвојат три нови регионални одбранбени планови за спротивставување на двете главни закани за НАТО: Русија и тероризмот.
Говорејќи во седиштето на Алијансата во Брисел во пресрет на средбата минатата недела, Столтенберг нагласи дека очекува сојузничките лидери да договорат и пакет со три елементи за приближување на Украина до НАТО. Пакетот ќе вклучи повеќегодишна програма за помош на Украина со цел да се обезбеди нејзина интероперабилност, надградување на политичките врски меѓу Алијансата и Киев и реафирмација на ставот дека земјата ќе стане членка на НАТО со заложба да ѝ се помогне во остварување на таа нејзина цел.
– Сојузниците, исто така, ќе преземат јасни чекори за зајакнување на одвраќањето и одбраната, со усвојување на три нови регионални одбранбени планови за спротивставување на двете главни закани за НАТО – Русија и тероризмот, истакна Столтенберг, додавајќи дека со плановите се предвидува зголемена готовност на 300.000 војници, како и ангажирање на воздухопловни и поморски сили.
Според Столтенберг, предвидено е на Самитот да биде усвоен и Акциски план за одбранбено производство (ДПАП), преку кој ќе се координира побарувачката, ќе се зајакнат капацитетите и ќе се зголеми интероперабилноста.
Столтенберг очекува лидерите на НАТО поамбициозно да ја реафирмираат определбата за издвојување на најмалку два отсто од националните БДП за потребите на одбраната, додавајќи дека според најновите податоци европските членки на Алијансата и Канада во 2023 година ги зголемиле трошоците за одбрана за 8,3 проценти.
– Значи, европските сојузници и Канада ќе инвестираат над 450 милијарди американски долари повеќе отколку во 2014 година, кога ветивме зголемување на инвестициите во одбраната, додаде Столтенберг.
Нагласувајќи дека ова ќе биде прв самит на кој Финска ќе учествува како членка на НАТО, Столтенберг истакна дека со „нетрпение очекува што е можно поскоро и Шведска да се приклучи“ на Алијансата.
Паралелно со Самитот во Вилнус се одржува и НАТО јавниот форум, настан, кој има цел да обезбеди подобро разбирање на политиките, целите и одлуките низ дијалог со учесници од различни сфери. Јавниот НАТО форум е организиран од Алијансата и Центарот за студии на Источна Европа, Германскиот Маршал фонд на САД, Минхенската безбедносна конференција и Атлантскиот совет на САД. Форумот ќе обезбеди панел дискусии, дебати и интерактивни сесии, за различни теми поврзани со Алијансата.
Зајакнати мерки за безбедност се преземени за обезбедувањето на Самитот во Литванија. -Околу 12 илјади офицери и војници се задолжени за безбедноста за време на Самитот, изјави Пауилиус Немира, првиот заменик-директор на литванската Единица за обезбедување на носители на функции и други високо позиционирани личности, јави литванската национална радио-телевизија.
Тој рече дека околу 800 возила ќе бидат потребни за странските делегации и додаде дека Литванија досега не била домаќин на настан од вакви размери, што претставува вистински предизвик за литванските институции.
Околу илјада војници испратиле и 16 земји-членки на НАТО, а освен воена опрема, испратени се и средства за справување со можни хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни напади. Некои членки обезбедиле и напредни системи на противвоздушна опрема, нешто што им недостига на балтичките држави.
- -Би било повеќе од неодговорно ако нашето небо не биде заштитено додека пристигнуваат Бајден и лидерите на 40 земји, изјави минатата недела претседателот на Литванија, Науседа.
Comments are closed for this post.