Собранието ја почна постапката за одложување на пописот, што би се одржал од 5 до 30 септември. Пратениците вчера ја изгласаа потребата од донесување на Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севeрна Македонија, 2021 година по скратена постапка, поднесен од Владата. Измените на Законот за попис добија поддршка во Комисијата за европски прашања, а денеска претпладне се пред Законодавно-правната комисија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека според Деловникот измените на Законот за попис треба да бидат разгледани на матичните комисии, за европски прашања и за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија. Откако ќе има извештај дека комисиите завршиле со работа, согласно времето и роковите, пратениците ќе бидат известени за продолжувањето на 38. седница, на чиј дневен ред се одложување на пописот и измена на Изборниот законик, со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.
Одложувањето на пописот од април за септември беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Премиерот Заев изрази уверување дека Парламентот ќе ги донесе измените и дополнувањата на Законот за попис за негово одложување за септември, а бидејќи самата операција е почната согласно постојниот Закон со подготвителна фаза за теренски активности, сите материјали кои евентуално ќе бидат изработени, ќе бидат земени предвид.
Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива останува на ставот дека не треба да има одложување на пописот.
Според албанската опозициска коалиција Државниот завод за статистика, кој информира дека нема да го почне пописот на терен, извршува кривично дело.
Според член 16 ДЗС се грижи за законитоста при подготовката, организацијата и реализацијата на пописот во согласност со одредбите на овој закон и врши надзор над работата на лицата-учесници на пописот. Според член 18 во рамките на нивните надлежности утврдени со закон, во вршење на одредени пописи учествуваат: Министерство за одбрана, Министерство за правда, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за надворешни работи и Агенција за катастар на недвижнини и други носители на прибирање податоци.
Политичката партија Левица бара одложување на пописот за 2022 и итно прекинување на пописот на дијаспората.
Comments are closed for this post.