Припадниците на Првата пешадиска бригада (1.пбр) денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец со воена свеченост и со почитување на здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19 ќе го одбележат Денот на единицата.

По тој повод ќе се обратат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Бригадата – бригаден генерал Бесник Емини. Како што соопшти Министерството за одбрана, ќе бидат соопштени стимулативни мерки на припадниците на единицата за постигнатите резултати.

За Ден на 1.пбр е одреден датумот 2 април кога овааа единица ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност на повеќе армиски родови.

– Во состав на Првата пешадиска бригада е најголемата декларирана единица – лесниот пешадиски баталјон. Таа е препознатлива не само по стекнатото искуство и учество во мировните операции во Авганистан и Ирак, ангажирањето на јужната граница, високите резултати од реализираните оценувања и вежбовни активности, туку и со постојаната несебична помош и асистенција на граѓаните и институциите на Република Северна Македонија секогаш кога тоа е потребно, наведува Министерството за одбрана.