Премиерот Зоран Заев вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери ја испрати оставката.

Во закодавниот дом денеска се закажани шест пленарни седници. За во 11 часот во Големата сала е закажана 55-та собраниска седница, на чиј дневен ред е само точката за Поставување на пратенички прашања.

Според најавите, пред оваа седница се очекува претседателот на Собранието да ја констатира оставката на Заев.

Во текстот на поднесената оставка, Заев вели дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

-Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата, наведува Заев во дел од текстот.