СЈО вчера попладне влегло во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, дознаваме од партиски извори. Запленета е цела документација.

Предмалку СЈО извести дека по нивно барање  судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 донел решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.

Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката, велат од СЈО.

Истрагата за „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, а постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра.

Во истрагата осомничени се 14 лица, а меѓу нив е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Дел од истрагата е и изградба на главното седиште на партијата во Скопје од страна на градежната фирма Бетон.