Согласно одлуката објавена во Службен весник, а којашто неодамна ја донесе Владата на Република Македонија, започнува процесот на склучување договор за јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, соопши владината прес служба.
Целта на овој модел на јавно приватно партнерство е да се унапреди системот за стерилизација во областа на хирургијата, како и да се намали ризикот од пост-оперативни инфекции, се додава во соопштението.
„Согласно предложениот модел на јавно приватно партнерство, опфатен е период од 15 оперативни години. Вредноста на инвестицијата е околу 16 милиони евра, а приватниот партнер ќе биде должен да ги вложи овие средства во период од 2 години, односно околу 35% или 5,8 милиони евра во текот на првата година и останатите 65% или 10,3 милиони евра во втората година од работењето“, наведува Владата.
Моделот на јавно приватно партнерство предвидува избраниот приватен партнер да биде одговорен за финансирање на моделот во четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација на територијата на државата, финансирање на изведба за реновирање/адаптирање на објектите во постојните центри за стерилизација (4 коишто ќе бидат одбрани како најсоодветни), понатаму целосно опремување на регионалните центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обезбедување на персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти, нивно редовно одржување и обновување во консултација со докторите хирурзи, обезбедување стерилизиран медицински материјал (облека и опрема), третман на медицинскиот и техничкиот отпад од хируршките сали, како и целосно менаџирање и управување со интегрираните услуги за стерилизација согласно прифатени стандарди и протоколи.
Comments are closed for this post.