Јавното обвинителство на Република Македонија ги следи сите информации поврзани со евентуални противправности при референдумското изјаснување на граѓаните и ќе постапи доколку  некаде постојат основи на сомнение дека е сторено кривично дело. Привремено формираната комисија за следење на евентуалните нерегуларности ги прибира сите информации и за оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш се проследуваат до соодветното основно јавно обвинителство.

Истовремено се даваат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Ова е одговорот на надлежната служба во државното Јавно обвинителство на прашањето на Пресинг Тв дали тоа, по допрен глас, ќе преземе активности за нерегуларности  и полнење кутии на одредени избирачки места на денот на спроведувањето на референдумот.

Дилемата ја отвори лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервјуто за Алфа ТВ обвини дека на денот на спроведувањето на референдумот, изборните кутии биле брутално наполнети со повеќе од 50 илјади гласа.

Има многу примери за фалсификатот, а ќе наведам само неколку. Во Грушино, Арачиново, просечно на претходните избори излегувале 40% од вкупниот број регистрирани гласачи. А, вчера излегле повеќе од 88%. Она што е симптоматично е што тие наеднаш добиле желба да излезат и да гласаат и тоа во периодот помеѓу 17 и 19 часот. Па, од 38% излезност во 17 часот до 19 часот имало над 80%, што значи дека на секои 15 секунди гласачите го оствариле своето право на глас. Сличен е примерот и со Зајас.Таму, во просек, на претходните избори, излезноста била 40%, а на референдумот била 80%. И тоа исто, симптоматично, желба за гласање добивале од 17 до 19 часот, и гласал по еден гласач на секои 20 секунди. Ист е случајот и со Шишево каде од 17 до 19 часот се гласало на секои 15 секунди, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека се е документирано и оти за тоа што се случувало на референдумскиот ден ќе ја запознаат и меѓународната заедница, иако од ова Јавно обвинителство, како што рече, не очекува ништо.

Мицкоски најави дека на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе и предложи, во Собранието на РМ да излезе со предлог за формирање анкетна комисија, која би се позанимавала со целокупниот процес на референдумско изјаснување и би го разгледала од моментот на организирање на кампањата, колку средства, за што биле трошени, колку чинела секунда во одделни медиуми, па се до бруталното полнење на кутиите.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пак, побара Јавното обвинителство да се тргне од прегратките на премиерот Зоран Заев и од криминалниот клан и конечно да почне да си ја врши функцијата за која што е овластено, а тоа е гонење на криминалот.

За денот на гласањето посочивме на низа нерегуларности, аргументирано и со докази за кршење на молкот, лажно претставување, злоупотреба на телефонски броеви, кол центри на СДСМ, потоа основано сомнение за полнење на кутии, лажирање на резултати, насилство врз набљудувачи, а од него, од јавниот обвинител Јовески – ниту глас! ВМРО-ДПМНЕ постојано поднесува кривични пријави за кривични дела против изборите, за кои Јавното обвинителство треба само, по службена должност, екс официо, веднаш сами да отворат истрага! Ама, Јавниот обвинител го нема, изјави тој.