Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го искористи убавиот сончев ден преку практикување јога – вежби на брегот на Охридското Езеро да собере енергија за престојните активности поврзани со предизборната кампања.
„Јогата е комуникација со себе, со другите, јогата е размена на позитивна енергија потребна во ова време-невреме. Живееме во немир, се чини дека источните народи полесно се справуваат со проблемите на денешницата, и кога е во прашање јогата евроцентризмот не е многу успешен, но во европските училишта јогата се воведува во наставата, па и во фирми и претпријатија“, рече Силјановска.
Вели дека за неа јогата не претставува бегство од реалноста, напротив, таа е метод, начин како со умот, духот, срцето да се справите со конфликтната реалност.
„Порано бев многу поревносна, но јога можете да вежбате и сами дома, најмногу во природа зашто една од вежбите е техниката „поздравот на сонцето“, токму тоа значи, се обраќате кон сонцето како извор на животот, барате чиста средина што ја нема, и тогаш сте поподготвени за работа. Мене како никогаш досега не ми била потребна синергија меѓу телото и умот. Наоѓам малку време, но Охрид ми се чини е вистинското место за јогата како филозофија, амбиентот, сонцето, се е денес на мојата страна“, рече таа.
Пораката што сакаше да ја испрати со овој невообичаен начин за домашните прилики, таа рече дека е насочена кон промоција на здрав живот, дружење, размена на позитивна енергија, порака за добро.
„Нели потпишавме кодекси за фер и демократски избори, но понекогаш потписите се бришат, забораваат, етиката исто така. Еве во јогата има нешто што упатува на потрагата по добро и преку овој начин ќе се обидам да ширам убава енергија меѓу луѓето кои не ми се непријатели ниту противници, туку натпреварувачи, а се чини дека жените имаат моќ за таква енергија“, посочи Силјановска – Давкова.
Comments are closed for this post.