Град Скопје ќе ја продава барокната Градска куќа на јавна аукција. Почетната цена е 12,7 милиони евра.

Почетната цена на јавното наддавање е сумата за која беше изградена Градската куќа, се вели во одлуката на градоначалникот Петре Шилегов за која денес ќе одлучуваат членовите на Советот на Град Скопје.

Причините за продажба на недвижен имот – Градска куќа е поради недоволниот капацитет на внатрешните простории во кои е потребно да се смести администрацијата на Град Скопје“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.

Градска куќа почна да се гради во времето кога Коце Трајановски беше градоначалник на Скопје.

Шилегов пред една недела велеше дека ВМРО-ДПМНЕ измислува дека започнал процес на отуѓување на новата Градска куќа. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ неодамна потенцираше дека „Крадоначалникот Петре Шилегов е пред нова „бонбона бизнис“ типична за власта.

Сомнежите се дека Градот Скопје по насока на Шилегов преземал подготвителни активности за отуѓување на новата градска куќа која е во завршна фаза на атрактивна локација во центарот на градот до плоштадот Македонија. Според нашите информации, зградата платена од парите на скопјани која е во завршна фаза, со набавена современа опрема за административно работење, ќе биде отуѓена и истата треба да припадне на извесна приватна компанија. За возрат Градот Скопје ќе добие постара зграда. Значи неформалните информации говорат дека Шилегов ќе трампа нова зграда за неколку децении постара зграда“, велеа неодамна од советничка група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје отворено прашуваше:

Дали е вистина дека Шилегов влегува во нов бонбона бизнис при што ќе ја отуѓи новата градба која беше наменета за градска куќа, и тоа за возрат на неколку децении стара градба? Дали зад ваквата бизнис зделка стојат и приватни и лични интереси, со други зборови дали Шилегов принципот „евро за евро“ од Струмица го презема и унапредува среде Скопје?Ако ова е вистина, тогаш зошто оваа бизнис зделка на Шилегов се држи зад затворени врати и во тајност, далеку од очите на јавноста? Дали крадоначалникот Шилегов ги праша скопјани за ваквиот потег“?, прашуваа од ВМРО-ДПМНЕ.