Министерот за надворешни работи Никола Димитров, утре и задутре ќе престојува во работна посета на Германија, на покана на претседателот на Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум.

Димитров, како што соопшти МНР, ќе се обрати пред членовите на Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, при што ќе се осврне на најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во Република Македонија, процесот на имплементација на Договорот од Преспа и реформската агенда поврзана со интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Шефот на дипломатијата, за време на посетата, ќе оствари средба и со неговиот германски колега Хајко Мас, како и со Јан Хенкер, советникот за надворешна политика на германската канцеларка Ангела Меркел.

Министерот ќе се сретне и со челните луѓе на фондациите „Конрад Аденауер“ и „Фридрих Еберт“, како и со специјалниот координатор на активностите на Германско-француската канцеларија за млади (German-French Youth Office) во регионот на Југостична Европа, Франк Моравjец.