Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претставници  на Економско-социјалниот совет на Република Франција, г-дин Жан-Мари Камбасерес, претседател на Комисијата за меѓународни прашања на ЕСС и Адриен Лабун, советник од истата Комисија. На средбата се разговараше  за активностите, надлежностите и значењето на Економско социјалниот совет во нашата држава, како советодавно трипартитно тело значајно за функционирање на социјалниот дијалог меѓу синдикатите како претставници на работниците, здруженијата на на работодавачи и Владата.

 

Социјалниот дијалог е многу значаен кога се разговара за политики кои што се однесуваат во делот на трудот, социјалното и пензиско осигурување, политиката на пазар на труд, економскиот развој на земјата, политиката за плати, за цени, здравствена и социјална заштита, фискалната политика, безбедни услови за здравје при работа, образование, култура, стручно оспособување и сите прашања кои што имаат влијание врз социо-економските текови на една земја, истакна министерката Шахпаска.

Притоа од страна на министерката беа посочени активностите на ЕСС за  изминатиот период, посебно неговото значајно учество пред носењето на конечните законски решенија во време на пандемија,  економските пакети како помош за граѓаните и стопанството во време на КОВИД 19 , со цел полесно справување на последиците од него.  Потоа,информира и за  предлог законското решение  за недела да биде неработен ден, како мошне комплексно прашање кое засега голем број на чинители во општеството.  Истовремено и за  работата на работната  група на нов Предлог закон за работни односи кои треба да ги содржи современите потреби на општеството, како сезонската работа, работата од далечина, породилното отсуство, флексибилно работно време и друго.

На средбата соговорниците разговараа за унапредување на соработката на ниво на Економско социјални совети, меѓу двете држави. Нашата земја е  една од 75-те  членки на Меѓународната организација на економско социјални совети и други слични тела, во која организација членуваат земји од целиот свет.

Претседателот  на Комисијата за меѓународни прашања на ЕСС, Камбасерес, изрази  задоволство од големата ангажираност и напредок на Економско- социјалниот совет во нашата држава и подготвеност за идна билатерална  соработка со земјата  на проекти финансирани од страна на Агенцијата за развој од Франција, соработка која досега е остварена со Црна Гора и Република Србија, како земји од Балканот.

Господинот Камбасерес  истакна дека  се подготвени да помогнат  Економско социјалниот совет на Македонија да стане членка   и на Унијата на економско социјални совети и слични франкофонски институции  (UCESIF), имајќи предвид дека нашата земја е членка на Меѓународната организација на Франкофонијата .

Секоја идеја за соработка е добредојдена, подготвени сме да се официјализира предлогот, како држава имаме многу што да научиме од Република Франција. Во таа смисла секоја поддршка  која е  во позитивна трансформација на ЕСС е со цел уште поуспешно негово  функционирање  и затоа истата е добредојдено. Многу е важно улогата на ЕСС да биде суштинска, а не формална , порача министерката Шахпаска.