Министерката за труд и социјaлна политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на која, како што информираат, било разговaрaно за претстојниот попис на населението на Република Македонија и за потребата од евентуална меѓусебна соработка во делот на попишување на бездомните лица.
Пописот на населението во април годинава, како статистичка операција ќе биде спроведена од Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања.
Симовски, се вели во соопштението, на средбата истакнал дека институциите се подготвени, како и дека пописот ќе биде спроведен со употреба на најмодерни алатки и технологии, согласно меѓународните стандарди и критериуми на Евростат.
Истовремено ќе се попишува на терен, преку директно интервју со лицата, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.
На средбата, исто така, станало збор и за лицата без документи и бездомните лица кои влегуваат под надлежност на Министерството за труд и социјална политика, лица кои исто така треба да бидат попишани.
Министерката Шахпаска, се вели во соопштението, информирала дека министерството реализира постапки за обезбедување документи за идентификација на овие лица, како и дека во однос на бездомните лица , преку системот на Центрите за социјални работи можат да се обезбедат податоци за нивно лоцирање и евидентирање.
Соговорниците ја истакнале важноста од претстојниот попис и неговото спроведување со оглед на тоа дека последниот попис во државата е направен во 2002 година. Оваа година пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година.
Comments are closed for this post.