Во пожарот што се случи во неделата во социјална зграда во Берово изгореа два стана на семејства со малолетни деца. Глетката за време на пожарот, како што тврдат очевидци била страшна и само присебноста на пожарникарите и полициските службеници спасиле вистинска катастрофа. Тие навреме ги извлекле малолетните дечиња од нивните домови. Во моментот семејствата кои останаа без својот дом, како што информираше сосетка на опожарени семејства, ноќта ја поминуваат во неколку околни објекти без основни услови за живот.
Страшно беше овде во неделата, се спасуваше жива глава во домот на Шехерзад Арифовска и Сенад Чиндаровски. Поради тоа што мораше итно да се реагира и два други стана се оштетени. Среќа што се спасија дечињата, вели нивната сосетка, Мерлина Зекировска.
Додава дека семејствата, ноќите по пожарот ги поминале вон секакви човечки услови.
Едното од семејствата спиеше во плевна, а бидејќи се им изгоре во пожарот, останатото семејство немаше ниту едно ќебе да се покрие во текот на ноќта, додава Зекировска.
Од полицијата дополнително се утврдува која е точната причина за пожарот, а околните станари претпоставуваат дека станува збор за неисправна инсталација. Тие живеат во страв дека поради неисправната инсталација може дополнително да се искомплицира состојбата и да настане пожар и на останатите станови. Засега најава за помош на семејството ветиле хумани граѓани, а на кој начин ќе им се помогне на несреќните семејства, од Општината ќе излезат со дополнително соопштение. Семејствата Арифовски и Чиндаровски се многудетни семејства и итно им е потребна помошта за нивно повторно застанување на нозе.
Comments are closed for this post.