Пријателу мој, твоето злосторство се состои само во тоа што моите деца сѐ уште ја имаат можноста да ме викаат татко, и јас да можам да им одговорам. Ти „згреши” што ми го зачува животот. Oва го напиша лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села по денешната пресуда од 7 години затвор за Абдулфета Алими, еден од осудените во случајот за собраниските настани од 27 април.

На една седенка со Фета, тој ми рече: Не се вознемирувам многу заради казната, колку што се вознемирувам заради фактот што ме ставаат во иста вреќа со криминалците…

Ти си во затвор бидејќи јас сум жив, и затоа нема зошто да бидеш како тие што сакаа да ме видат мртов. Како тие што денес се живи, но потонати во криминал. Да, да, тие се слободни, дури и на владеачки позиции. Доколку некој преку твојата казна сака да ја прикаже симболиката дека минатиот режим имаше две компоненти, и Албанци и Македонци, ти не си таа симболика. Ти си симболика на обичниот Албанец што го сака животот, што ја сака слободата. Ти си симболика за Албанец врз којшто сѐ уште се монтираат политички процеси. Ти си симболика на политизираното судство и со двојни стандарди. Симболиката на минатиот режим не може да биде Фета, туку е Али со Никола. Ти и твојата казна денеска сте симболиката на сегашниот режим на Али и Зоран.

П.С. Тежок е денешниот ден Фета! Подобро никогаш да не ги отворев очите вечерта на 27 април, отколку да го живеам овој срам. Да, ти си виновен. Виновен си што денеска јас се чувствувам виновен што немам сила да ти помогнам. Виновен си што сум жив“, напиша Села на својот фејсбук-профил.