Очекувам дека во најбрз можен рок ќе се завршат неопходните инфрастурктурни интервенции и дека многу скоро ќе се најдеме таму на официјалното отворање на преминот што ги поврзува двете страни на Преспа, порача Заев
Поранешниот премиер, Зоран Заев, преку својот профил на Фејсбук се обрати до учесниците на денешниот собир на Маркова Нога во Преспа, на македонско-грчката граница.
Заев порача дека очекува што поскоро отворање на граничниот премин на Маркова Нога, што е една од обврските од Договорот од Преспа.
„Драг Stratos Vasilopoulos, драги пријатели од Грција, упатувам огромна благодарност за вашата иницијатива и за поканата да се сретнеме на преминот Маркова Нога и во исто време се извинувам што поради неодложни обврски не успеав да бидам со вас денеска. Оваа порака ја упатувам и во име на моите пријатели од струмичкиот мото-клуб. Како поддржувач на политиките на отвореност, добрососедство и поврзување, го споделувам вашето очекување што поскоро да се отвори граничниот премин Маркова Нога што нашите две пријателски држави го презедоа како обврска од Договорот од Преспа“, напиша Заев.
Отварањето на граничниот премин Маркова Нога, додава тој, е наша обврска кон сегашноста и иднината – ова е вистинското и крајно време да ја срушиме неприродната блокада на природниот тек на брегот на Преспанското езеро.
Очекувам дека во најбрз можен рок ќе се завршат неопходните инфрастурктурни интервенции и дека многу скоро ќе се најдеме таму на официјалното отворање на преминот што ги поврзува двете страни на Преспа, посочи Заев.
„ Верувам дека вашето денешно дружење, како и она од минатиот викенд за време на манифестацијата Запознај ја Преспа ја прави Преспа плодна почва за раст и развој на нашиот европски Балкан, мегдан за спојување на различните и блиските култури и пркос кон оние кои во 21 век се уште се водени од омразата наместо од мирољубието. Во име на европската иднина на Преспа наздравувам со вас преку мојот пријател Васко и невладината организација Преспа ГРАД. Верувам дека многу скоро ќе имаме можност да се возиме заедно по падините на преубавата Баба Планина и брегот на Преспа и како македонски и грчки авто-мото спортисти, да посетиме и да се поврземе со албански пријатели на третата страна од Преспа. На здравје, да живее европска Преспа“, напиша поранешниот премиер.
Comments are closed for this post.