Премиерот Димитар Ковачевски јавно го повика лидерот на опозициската ВМРО-ДПМЕ, разговарале телефонски, и очекувам во наредните неколку недели да се случи лидерска средба каде опозицијата ќе биде информирана за текот на разговорите со Бугарија. Важно е да ги чуеме и нивните ставови, истакна вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
Тој вечерва во гостувањето во дневникот на ТВ Сител, посочи дека самиот факт што има декларација усвоено во Собранието прифатена од сите партии е веќе знак оти постои дијалог, но и линија на која што се согласуваат и ги оцртуваат националните интереси.
Премиерот Ковачевски јавно го повика лидерот на опозицијата, тие разговарале телефонски и јас очекувам во наредниот период, во наредните неколку недели да се случи лидерска средба на која ќе се разговара за повеќе прашања, меѓу кои и односите со Бугарија, и опозицијата ќе биде информирана за текот на разговорите, но исто така е битно да ги чуеме и нивните ставови – рече Маричиќ.
Според Маричиќ, многу е важно опозицијата да тргне искрено во ова прашање, и дека ќе имаат конструктивен однос, бидејќи како што посочи, прашањето со Бугарија е прашање кое се однесува на нашите европски интеграции, се однесува на добрососедските односи и е проблем кој што нема да исчезне за пет или десет години.
Ако нивниот одговор на прашањето за уставни измени поврзани со пишување на етнички заедници во Уставот е да го скратиме Собранието за една четвртина, тоа не е изнесување на став. Тоа е едноставно дефокусирање на други прашања. Секако таа треба да биде конструктивна, беше деструктивна во случајот со Преспанскиот договор. Се надевам дека овој пат ќе ја искористат шансата да влезат во овој процес поинаку и навистина да се реши процесот на заеднички интерес без да ги делиме граѓаните, без да оставаме отворени рани кои после ќе ни се вратат како бумеранг или без да оставаме простор да мисли кој било дека во иднина ќе може да се промени под нивен притисок – рече Маричиќ.
Тој додаде дека Владата ќе се грижи комплетно за заштита на нашите интереси, за зачувување на македонскиот идентитет и јазик и што поширок консензус во поглед на оваа прашање.
Comments are closed for this post.