Објавувањето на видео снимките и материјалите поврзани со случајот „Рекет“ се дел од сценариото да се загрози истрагата и да се саботира доказната постапка, рече во изјава за медиумите Снежана Калеска – Ванчева, пратеничка на СДСМ.

„Сите шеми и линкови за објавување на снимката за случајот „Рекет“ водат кон белиот дворец зад мене, седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот вистински шеф, Никола Груевски“, рече Калеска-Ванчева.

И додека таа ја држеше прес-конференцијата во позадина се слушаше гласна музика, на една стара италијанска канцона (Parla piu piano, песна која се користеше во клучниот заплет во филмот „Кум“), со што е седиштето на ВМРО-ДПМНЕ беше упатена јасна порака до СДСМ за случајот „Рекет“ и објавените аудио и видео материјали во италијанска „Ла Верита“.

„Авторот на текстовите кои излегуваат во италијански медиум, има релации со ВМРО-ДПМНЕ. Советник на Никола Груевски членувал во иста организација во која членува и авторот на текстот. Весникот има објавено интервју со Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ каде се промовира проектот на Никола Груевски против невладините организации во земјава.

Наместо да молчи за прашањата што му ги поставивме вчера, дублерот на Груевски, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да одговори:Кој ги лиферувал снимките во италијанскиот медиум? Со кои двајца од луѓето кои се гледаат на видео снимката се има сретнато Мицкоски? Дали и што примил на рака? Јавноста има право да ја знае вистината а вистината ќе се дознае, бидејќи таа е како шило“, истакна пратеничката од СДСМ.

Таа притоа рече дека за Мицкоски има уште неколку прашања.

„Дали со авторот на текстовите кои излегуваат во италијанскиот медиум Мицкоски се сретнал во Будимпешта? Дали му дал нешто на авторот на текстот и што е тоа? Создадените тајкуни од режимот, во координација со Никола Груевски, помогнати од нивните извршители прават се да ја срушат правната држава, да ја загрозат европската интеграција на земјата да се претстават како жртви и да се спасат.

Секој што се надевал дека со сценарио, објава на видео материјали ќе се компромитираат доказите и ќе се спаси од вина пред судовите се излажал“, порача Калеска-Ванчева.

Според неа, снимката е причина плус да се забрза истрагата и да ги даде одговорите за поттикнувачите, организаторите и осмислувачите во овој случај.