На пет дена до вториот круг од локалните избори, партиската организација на СДСМ и социјалдемократите во Куманово доживуваат вистинска рашомонијада.
Вчерашните предизборни активности ја отсликаа целосната поделеност во градот. Од една страна се најдоа основачите на партиската организација во Куманово, кои застанаа во поддршка на сега независниот кандидат и досегашен градоначалник Максим Димитриевски, а од друга министерот за ватрешни работи Оливер Спасовски како мецена и закрилник на партискиот кандидат Оливер Ивановски.
Синоќа голем број истакнати членови на СДСМ, како и дел од основачите на партиската организација во градот, Страшко Илиевски, Младен Славковски Маџо и Миле Арсовски присуствуваа на настан организиран од Максим Димитриевски и граѓанскиот концепт „За наше Куманово“.
– Го поддржувам Максим Димитриевски затоа што покажа како се работи за сите граѓани. Тој е социјалдемократ и секогаш се бори кумановци да живеат подобро. Вечерва, со моите партиски другари му ја дадовме поддршката затоа што ја заслужува. Му посакуваме многу успех во недела, изјави Миле Арсовски, еден од основачите на СДСМ Куманово.
На 31-ви октомври, во Куманово победуваат граѓаните! На 31-ви октомври во Куманово победува слободната мисла и идеја за подобра и похумана општина, за развојно и чисто Куманово, беше пораката од собирот.
Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, пак, на митингот во пресрет на вториот круг од локалните избори меѓу другото изјави:
-СДСМ вложи 120 милиони евра во Куманово, режимот изгради само две тениски игралишта. Затоа во недела пак ќе ги казниме и мое Куманово ќе биде европско, никогаш режимско!
Со ова Спасовски владеењето на својот досегашен сопартиец и градоначалник Максим Димитриевски го именува како „режим“! Настрана тоа што не објасни дали тие вложени 120 милиони евра се од партиската каса на СДСМ или, пак, од државниот буџет на Република Македонија.
Во Куманово од осамостојувањето на Република Македонија на локално ниво на власт бил секогаш СДСМ.
Comments are closed for this post.