ДУИ, по 22 години владеење и уништување на правосудниот систем, денес се обидува да глуми жртва, барајќи истрага само за трагедијата во Кочани, регира ВЛЕН.

Но, граѓаните не забораваат: Кој го создаде овој расипан систем? Кој ги штитеше криминалците? Кој ги претвори судовите и обвинителството во приватни партиски канцеларии?

ВЛЕН нема да дозволи вистината да се манипулира! Бараме анкетна комисија за сите трагедии од изминатите години – од Ласкарци, модуларната болница, Беса Транс, па сè до Кочани. Нема да дозволиме ДУИ да одлучува кои жртви заслужуваат правда, а кои треба да се заборават!

Доста со манипулации! Граѓаните знаат кој го создаде овој корумпиран систем и кој со години ја покриваше неправдата. ВЛЕН ќе продолжи да се бори за вистинска правда, а не за политички фарси на партија што веќе е минато!

 

Парламентарната група на Европскиот Фронт бара формирање на посебна парламентарна комисија која ќе го истражи начинот на којшто се води истрагата за трагедијата во Кочани. Партијата смета дека има „селективен и едностран пристап на правосудниот систем“ во истрагата на пожарот, во кој загинаа 59 млади луѓе. 

Според ДУИ, комисијата треба да се формира веднаш и во неа да бидат вклучени претставници на ОБСЕ и од амбасадите на САД, ЕУ и земјите-членки на Европската Унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес.

„Селективната правда создаде ситуација без преседан, која ги загрозува темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите“, велат од партијата. Неодговорноста или политизацијата на правдата за тесно партиски цели, според ДУИ, не ги загрозува само основните права на граѓаните, туку и демократската стабилност и европската перспектива на земјата.

 

Заклучок на Централниот одбор на СДСМ е дека досегашниот тек на истрагата покажува дека се води селективно и е насочена само кон минатото, само кон поранешни функционери и службеници додека воопшто не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата.

„Селективноста не е правда, туку неправда, и ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите и во правосудството. Имајќи ја предвид сериозноста на трагедијата и тешките последници со огромен број жртви и повредени, недозволиво е да води истргата на селективен начин“, велат од партијата.

СДСМ инсистира на неселективна, независна и темелна истрага во која сите ќе одговараат согласно законите. Најавуваат дека ќе се спротивстават на каква било селективност, штитење на актуелни функционери и на поединци блиски до власта. „Пред законот сите мора да бидат еднакви“, децидни се од опозициската партија.