По објавувањето на Јутуб на најновата снимка од 2014 година на која се слуша разговорот меѓу тогашниот струмички градоначалник Зоран Заев и бизнисменот Иван Николов Сачевалиев, кај владејачкиот СДСМ владее молк.
Откако не одговори на телефонските повици, Лидер.мк на портпаролот Костадин Костадинов и преку СМС и преку вибер порака побара одговор на прашањата дали објавената снимка е таа за која Заев велеше дека кога ќе се слушне целосно, ќе се дознае вистината за предметот „Поткуп“ и дали снимката е оригинална и веродостојна. Пораките му беа ипратени во 10,46 и 13,03 часот, но до пишувањето на текстот одговор не добивме.
Досега во јавноста беше познат само делот од комуникацијата во која тогашниот струмички градоначалник бараше по едно евро за црквата и едно евро „за Вицето“. Од целосната снимка, пак, сега се гледа дека покрај овие две евра требало и едно евро за општината, што фактички била реалната цена на земјиштето за двата плаца во Струмица.
Во предметот „Поткуп“, Судот го ослободи Заев, а слушањето на снимката во судницата се одвиваше без присуство на јавноста.
-Ако го имав целиот снимен материјал, би го објавил целосно за да се дознае вистината за мене. Значи, само ако се слушне целата снимка, веднаш ќе може да се знае дека тоа е монтирано и направено толку грдо да изгледа. Ако целосната снимка не го реши судскиот процес, барем ќе го обели мојот образ, изјави во една прилика, по одложување на едно од рочиштата за „Поткуп“, Зоран Заев.
Меѓутоа, доколку објавената снимка е истата, што се слушала во судницата, фрла сосема нова светлина врз целиот случај и врз ослободителната пресуда на судот. Зашто, во неа не само што нема никакви олеснителни околности, туку само ја потврдуваат кривичната пријава. За останата конверзација и да не се говори.
Comments are closed for this post.