Во Република Македонија, само околу 30 отсто од возачите користат сигурносен појас. Тој процент е уште помал кога се работи за сопатниците на предното седиште, а за патниците на задните седишта, процентот на лица кои користат појас е приближно еднаков на нула, покажуваат бројките на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, РСБСП.
Според статистичките податоци, во Македонија, правилото за користење сигурносен појас, најмалку го почитуваат младите на возраст од 17 до 34 години.
Податоците покажуваат дека во помалите градови возачите поретко користат појас, отколку во главниот град Скопје. Исто така, возачите поретко употребуваат појас при возење во населено место, отколку надвор од населено место.
Истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека 50 отсто од возачите загинале поради тоа што не користеле појас, односно, сигурносниот појас го намалува ризикот од фатални последици при сообраќајни незгоди дури до 50 отсто, наведуваат од РСБСП.
Од таму наведуваат дека од статистиката може да се заклучи дека некористењето сигурносен појас е сериозен проблем со кој се справува нашето општество и треба да се преземат сериозни мерки за негово решавање и спречување.
Покрај многубројните едукативни кампањи и активности, жално е да кажеме, но казнувањето на возачите и сопатниците е една од мерките што најмногу влијае врз дисциплината во сообраќајот, наведуваат од РСБСП.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во Република Македонија, возачот и лицата кои се превезуваат со возилото во кое се вградени сигурносни појаси, задолжително треба да користат појас кога возилото се движи во сообраќај на пат.
Секоја отстапка и секое непочитување на Законот се казнува со 40 евра во денарска противвредност или 25 негативни бода за возачот на возилото, додека за лицата кои се превезуваат со возилото, а не користат сигурносен појас, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.
Податоците на РСБСП покажуваат дека во земјите во Европската Унија, возачите кои не го користат појасот се во мал процент (10 отсто на предните седишта, а 25 отсто на задните седишта). Една од попроблематичните земји во ЕУ, во однос на користење безбедносен појас е Бугарија – само 55 отсто од возачите користат појас. За разлика од неа, во Германија, процентот на возачи кои користат појас е високи 93 отсто.
Comments are closed for this post.