Премиерот Зоран Заев е споменат само во делот на исказот каде што Јордан Камчев кажува дека пријавил рекет и кај него. Ниту еден друг политичар не е споменат, изјави обвинителката Вилма Русковска, која го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Таа денеска присуствуваше на седницата на Советот на јавни обвинители, на која треба да се одлучува за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по избувнувањето на случајот „Рекет“.
За Русковска тоа што беше пренесено во медиумите како исказ на Камчев во делот на политичарите воопшто не е точно.
Станува збор за дезинформации на одредени медиуми, рече таа.
Околу истрагата за тоа како документот протекол во јавноста, обвинителката Русковска кажа дека се уште трае и повтори дека адвокатите на Камчев и самиот Камчев лично како сведок не го добиле записникот од исказот.
Записници на сведоци и на лица од кои се бараат известувања не им се доставуваат, ниту записници од примање кривична ппријава. Пред завршување на истражната постапка кога ќе се донесе известување за завршена истрага, тогаш препис се дава на одбраната и на осомничените, рече Русковска.
Таа додаде дека за „Рекет“ интензивно се работи и на финанисиската истрага.
За дел од парите знаеме каде завршиле, за другото се работи, но во оваа фаза на истрагата не можам да кажам во јавноста детали од истрагата, рече Русковска.
Русковска потврди дека утринава во Обвинителството за организиран криминал, екс директорот на „Т-мобиле“, Жарко Луковски побарал да го дополни исказот, што претходно го дал како сведок. А, во врска со исказот, што Камчев вчера го дал во Обвинителството, рече дека добиле „дополнителни инфомации“.
Русковска нема информација каква е здравствена состојба на Јанева и дали адвокатскиот тим подготовува жалба на мерката притвор поради сериозно влошена здравствена состојба.
Седницата на Советот на јавни обвинители се уште е во тек.
Comments are closed for this post.