Обвинителката Вилма Русковска не знае каде е специјалната обвинителка Катица Јанева, која минатата недела си поднесе неотповиклива оставка, а неколку часа подоцна беше отворена истрагата за случајот „Рекет“, во кои се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милески.
Русковска во интервју за емисијата „Код“ изјави дека Јанева не била под ПИ мерки и оти таа лично не верува дека избегала од државава. Според Рускоска, Јанева не би избегала од Македонија затоа што тука имала живот и семејство. Официјално, Јанева, еден ден по оставката, поточно од 16 јули, е на боледување.
Рускоска информира и дека двајца обвинители од СЈО стапиле во контакт со неа и се информирале дали треба да дојдат во Обвинителството да дадат исказ.
Рускоска не сака да шпекулира каде е вториот телефон на Јанева додека истрагата не утврди такво нешто.
За рекетираниот бизнисмен, Рускоска изјави дека дал пари за да биде олеснета постапката против него. Според обвинението, Боки 13 и Миле Кичеец зеле 1,5 милиони евра, засега неофицијално од бизнисменот Орце Камчев, и тоа прво зеле 500 илјади евра, а потоа стигнале до 1,5 милиони. Целта им била да добијат вкупно осум милиони евра.
Сведокот дошол лично во Обвинителството и го пријавил рекетирањето.
Истрагата за Боки 13 и Миле Кичеец е отворена во мај со сите снимени средби, а Русковска вели дека засега немаат докази дека имало уцени со снимки од бомбите.
Немаме доказ дека со снимки кои ги поседува СЈО се уценувани бизнисмени, што не значи дека во натамошниот тек на истрагата нема да дојдеме до такви докази – изјави Русковска.
Во однос на тоа на кого се однесуваат псевдонимите Кики и Фрики, Русковска рече дека сведокот не споменувал политичари.
Таа нагласи дека се сослушувале и други бизнисмени кои можеби биле цел на рекетот.
И во предистрагата и во истрагата се испитуваат и други лица, односно сведоци кои дале или одбиле да дадат пари на тие кои им барале. Како обвинителство се залагаме како доказ да не бидат земени само изјави на поединци, бараме и дополнителни докази – истакна Русковска.
Comments are closed for this post.