Историскиот Преспански договор го отвори патот Северна Македонија да стане 30-та членка на Алијансата и да ја забрза нејзината европска интеграција. Земјата сега е на вистинското место во Европа и во НАТО. Ова го изјави денеска поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер, кој е иден американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, во обраќањето на тема „Економскиот развој и регионалните односи во Југоисточна Европа“ во рамки на проектот „Балкан 360“, во организација на Германскиот Маршалов фонд.
Рикер, кој во моментот ја извршува функцијата политички советник на командантот на Европската воена команда на Воените сили на САД, се осврна на клучните предизвици на западнобалканските држави и на американската поддршка во напорите на овие земји да станат дел од Европа.
Како поранешен офицер за односи со јавност и подоцна американски амбасадор во Скопје пресреќен сум што сум тука. Особено е значајна мојата посета сега, бидејќи Северна Македонија презеде чекор напред кон нејзиното вистинско место во Европа и НАТО. Како што знаете се враќам во Вашингтон за некоку недели да застанам на чело на Бирото за европски евроазиски прашања како помошник државен секретар, рече Рикер.
Рикер оцени дека 27 години заемната недоверба и историските несогласувања меѓу Скопје и Атина го блокираа патот на земјата напред.
Од мое лично искуство можам да ви кажам дека ова прашање беше исклучително комплексно и многумина го сметаа неподносливо. Да се дојде до оваа точка не беше лесно. Лидерите повеќепати сакаа да се откажат од процесот и да одат напред. Успехот на Преспанскиот договор е доказ дека со посветената работа и компромис може да се постигне решение и за тоа е клучно лидерството, рече Рикер.
Посочи дека грчкиот премиер Алексис Ципрас и премиерот Зоран Заев, како и шефовите на дипломатиите на двете земји се заслужни за ова историско постигнување и верува дека и останатите лидери на Западен Балкан ќе земат пример од ова искуство.
Тоа докажува дека длабоко вкоренети историски конфликти може да се надминат. Сите треба да замислиме каква може да изгледа иднината на Западен Балкан доколку лидерите во регионот градат врз мментумот на овој историски успех и да постигнат слични компромси и помирувања, истакна Рикер.
Посочи дека Европа денес е центар на геополитички натпревар и оти Москва во изминатите години се обидуваше насилно да ги прецрта границите во источна Европа вршејќи притисок врз соседите, спроведувајќи кампања на дезинформации и мешање против Западот, додавајќи и оти ги јакнела воените капацитети на нејзините граници.
САД и Европа мора да работат заедно за да обезбедат Западот да остане најатрактивниот модел за модерни и слободни општества. Во земјите што го одбраа западниот пат ние ќе продолжиме да даваме поддршка за да ги забрзаме демократските реформи со цел да можеме да ги вклучиме кон нациите на западната заедница, рече Рикер.
Во оваа смисла, посочи, САД ќе продолжат да даваат поддршка на аспирациите на сите земји од Западен Балкан со цел тие да обезбедат членство во ЕУ и, како што кажа, тоа не е поради „добрината на нашите срца, но бидејќи тоа е стратешки интерес на САД да има мир, просперитет и стабилност во Европа“.
Ние мора да останеме фокусирани за да ги забрзаме целите на потранспарентни влади, владеење на правото, слобода на медиуми. Овие столбови се важни за поголем отпор на штетните влијанија однадвор што сакаат да ги остават западнобалканските земји разделени и ранливи. Клучот за трансформацијата во овие земји се лидерството, храброста, визијата и волјата да се преземат политички ризици. Историскиот договор од Преспа е одличен пример за сето тоа, подвлече Рикер.
Идниот американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања повтори дека САД го поддржуваат членството во ЕУ на сите земји на Западен Балкан како и членството во НАТО на оние што го сакаат тоа.
Нашата надеж за вашата иднина е стабилен Балкан што е во линија со нашите заеднички вредности, целосно интегриран во западните институции и отпорен на дестабилизација и штетни влијанија однадвор. Западниот Балкан презеде значителни чекори напред во изминатите години со историскиот Преспански договор, членството на Хрватска во ЕУ, отворањето пристапни преговори со Србија и со Црна Гора, како и членстовто во НАТО на Хрватска, Црна Гора и Албанија заедно со Северна Македонија која што е на пат кон нејзино полноправно членство, рече Рикер.
Истакна дека стабилноста и просперитетот се постигнуваат низ напорна работа и посветеност на реформите. – Овој регион е испреплетен со историја, култура и геополитика. Затоа треба да работи заедно како соседи и да се најдат решенија, заклучи Филип Рикер.
Тој попладне ќе има средба со премиерот Зоран Заев по што двајцата ќе дадат изјави за медиумите. Рикер претпладнето се сретна со шефот на дипломатијата Никола Димитров, а предвидени е средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и работен ручек со вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи.
Comments are closed for this post.