Историјата е училиште а не затвор. Направивте огромен чекор напред кон место во НАТО и ЕУ, а трансатлантската заедница останува темел на надворешната политика на САД. Идниот американски помошник државен секретар Филип Рикер во Скопје ја истакна поддршка за земјава, но и за регионот кој и натаму се соочува со големи предизвици, во свет полн со турбуленции.
-Пресреќен сум што сум тука. Особено сега кога Северна Македонија направи огромен чекор напред кон нејзиното место во Европа и во НАТО… Цели 27 години меѓусебната недоверба и историските несогласувања меѓу Скопје и Атина го блокираа патот напред. Од мое лично искуство можам да ви кажам дека ова прашање е неверојатно сложено и, според многумина, се сметаше за нерешливо. Да се дојде до оваа точка не беше лесно, се разбира. Толку многу пати инволвираните лидери одбиваа да се откажат од процесот и продолжија – изјави Рикер во Скопје.
Рикер упати пораки до сите земји во регионот дека се соочуваат со опасности и од геополитички, но и од внатрешен аспект.
-Трансатлантската заедница останува темел на надворешната политика на САД. Европската унија е еден од нашите најблиски партнери во голем број меѓународни напори. Додека другите можеби сакаат да го свртат вниманието на нашите разлики, во реалноста ние се согласуваме многу повеќе отколку што не се согласуваме. САД остануваат железно посветени на Членот 5 од договорот за НАТО, кој значи дека напад врз секоја земја членка е напад врз сите членки – рече поранешниот американски амбасадор во Македонија Филип Рикер.
Рикер се сретна со шефот на дипломатијата Никола Димитров кој му посака успех во извршувањето на новата функција помошник државен секрета и со кого разменија мислења за новата реалност во земјава. Попладнево ќе има средба и со премиерот Заев. Ова е прва посета на Рикер на регионот по најавата дека ќе биде именуван на позицијата помошник државен секретар за Европа и Евроазија, од која во почетокот на годинава се повлече Вес Мичел.
Comments are closed for this post.