Во Собранието денеска на пладне треба да продолжи дебатата за реконструкцијата на Владата, со која во владината коалиција влегува Алијансата за Албанците, која има осум пратеници, а излегуваат Алтернатива и Демократскиот сојуз. Пратениците од власта во дебатата на вчерашната собраниска седница за разрешување на министрите од Алтернатива со фокус на постигнатите резултати и европскиот пат на земјата, отфрлајќи ги тезите на опозицијата и барањата за избори. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со повторни барања за избори и обвинувања за корупција и криминал и „пазар 3“ разговори за новата коалиција со Алијанса за Албанците. За премиерот Димитар Ковачевски, одлуката за излегување од власта на Демократски сојуз не претставува никакво нарушување на стабилноста на владиното мнозинство, додавајќи дека е отворена можноста за соработка со партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат на земјата.
Пратениците вчера и во попладневниот дел од продолжението на 104-тата собраниска седница продолжија со дебатата за Предлогот за разрешување на министри и заменици-министри од Алтернатива, односно за разрешување на министерот за здравство Беким Сали.
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање рече дека станува збор за разрешувања кои немаат врска со програмата на Владата која беше предложена пред само една година, туку имаат за цел и се поврзани со партиските пазарења.
Во реплика Соња Мираковска од НСДП му порача дека ова не е време на ВМРО-ДПМНЕ, туку на храбри политичари кои носат храбри одлуки во интерес на граѓаните.
Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и да се изгласа оваа влада, како што рече, привидното мнозинство нема да може да овозможи нормално работење на Собранието. Тоа, додаде, ќе го видите за две до три недели од изгласувањето на владата.
Фадил Зендели од БЕСА во својот говор рече дека БЕСА ќе остане опозициска партија се додека на е се одржат наредните избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни.
По неговото излагање имаше серија реплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во кои го поддржаа неговото тврдење.
Претходно, во првиот дел седницата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во репликата посочи дека владејачкото мнозинство го прозива ВМРО-ДПМНЕ дека не гласало за договорот со Фронтекс, но не зборува за тоа што три месеци немаше кворум, како и дека не гласале за измените на Кривичниот законик, од кои дел се поврзани со Истанбулската конвенција без да споменат дека пратеничките од оваа опозициска партија заедно со министерот за правда Никола Тупанчевски кој поднесе оставка ги направија сите амандамни на законикот. Според него, и многу коалициски партнери во оваа Влада ќе завршат како Алтернатива.
Мицевски потоа во обраќањето пред пленумот го повтори барањето за избори, потенцирајќи дека на Македонија и требаат нови прогресивни кадри.
Во реплика на неговиот говор пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски рече дека оваа Влада успеа да го зголеми производството на струја за 40 отсто и оти првпат во 70 години, сите капацитети за производство на струја се ставени во функција.
Премиерот Ковачевски вчера рече дека одлуката што ја донесе Демократски сојуз не претставува никакво нарушување на стабилноста на владиното мнозинство.
Премиерот рече оти очекува нивните функционери да ги поднесат своите оставки, посочувајќи на заменик министерот за локална самоуправа.
-Ме радува што Демократски сојуз кажа дека останува на европскиот пат и на поддршка на такви одлуки што не можеше да се потврди до сега во пракса, освен декларативно. Видовме вчера дека пратеникот на ДС не го гласаше Договорот Фронтекс, но сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса. Очекувам нивните функционери да ги поднест своите оставки, тука пред се мислам на заменик министерот за локална самоуправа, изјави Ковачевски
Засега е неизвесно до кога ќе трае заседанието за реконструкција на Владата, од причина што според собранискиот Деловник, за разрешување на министри се предвидува седница за која времето за дискусија не е ограничено.
Според член 221 од Деловник, Предлогот за разрешување на член на Владата, претседателот на Владата го поднесува во писмена форма до претседателот на Собранието и може да го образложи. По предлогот за разрешување на член на Владата, Собранието одлучува на првата наредна седница.
– По предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 минути, се посочува во членот 221 од собранискиот Деловник
Comments are closed for this post.