Нема повредени во оружениот инцидент што синоќа нешто по 21 часот се случи на булеварот „Маршал Тито“ во центарот на Тетово, информираат од СВР Тетово.

Полицијата по добиени сознанија дека учествувале во престрелката привела три лица, од Шипковица, Лавце и Тетово, а се трага по уште  десеттина лица. Првичните информации велат дека инцидентот настанал по расправија во казино помеѓу три лица, а подоцна се вклучиле уште неколку други.

По претходна вербална расправија во казино меѓу лицето Х.М. (34) од една страна и Д.М. (43) од село Лавце и Б.Д. (43) од Тетово од друга страна, излегле на улица и пукале со оружје. Во полициска станица се приведени  Д.М, Б.Д. и Џ.Р.(28) од Шипковица. Распишана е потерница по уште десеттина лица.“

На местото на настанот извршен е увид од јавен обвинител и крим техника. Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот.

Локалните тетовски медиуми  повикувајќи се на доверливи извори, тврдат дека во вооружената престрелка учествувал и висок функционер на партијата ДУИ.