Првоосомничениот во постапката по предлогот на обвинителството за определување мерка притвор за шест лица и мерки за претпазливост за две лица за злоупотреба на службена положба и овластување во врска со противправна легализација на градежно земјиште во Тетово денеска во присуство на двајца негови бранители се јавил пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
– Пред судијата, осомничениот се повикал на правото на судиски имунитет, па во однос на ново настанатита ситуација, согласно одредбите од ЗКП, судот со писмо го известува Судскиот совет на РСМ како надлежен орган и ја одложи седницата за произнесување во однос на предлогот за притвор до конечна одлука на советот, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје вчера на четири лица им определи мерка куќен притвор, а на едно лице мерки на претпазливост за злоупотреба на службена положба и овластување во врска со противправна легализација на градежно земјиште во Тетово.
Надлежен обвинител при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе – наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, за противправна легализација на градежно земјиште со површина од 4.410 метри квадратни во Тетово, нанесувајќи штета на Буџетот на РСМ во висина од околу 860 илјади евра.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција синоќа најави жалба по донесените решенија на судијата на претходна постапка за осумте лица.
-Предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување на мерката притвор за шестмината осомничени не е прифатен. Судијата на претходна постапка на четири осомничени лица со решение им определи мерка куќен притвор, а за еден осомничен се определени мерки на претпазливост. За двете лица за кои обвинителството предложи мерки на претпазливост, Судот ќе одлучува во текот на утрешниот ден за кога лицата се повикани да се јават пред судијата на претходна постапка, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Comments are closed for this post.