Прво ќе се чека новото законско решение, па ќе се бира составот на Антикорупциска. Повеќе од 10 месеци во Македонија нема антикорупционери кои треба да ги ловат функционерите, кои ќе си ги извалкаат рацете.
Пропадна денешниот обид во Собранието за избор на нови членови. Собраниската комисија за прашања за изборите и именувањата ја тргна од дневен ред точката за именување на членови на Државната комисија за спречување на корупција. Иако оваа точка беше предвидена за прва на денешната расправа, пратениците на владејачкото мнозинство побараа точката да се тргне од дневен ред.
Бараме оваа точка да се тргне од дневниот ред и по донесувањето на новиот закон да се изберат по нови критериуми – рече Ивана Туфегџиќ, независен пратеник во коалиција со СДСМ.
Сакаат новата антикорупциска комисија да биде избрана по носењето на новиот закон за спречување судир на интереси и борба против корупцијата.
На ваквиот предлог се спротивставија од ВМРО-ДПМНЕ, но точката беше тргната од дневниот ред.
Не мислам дека ќе се создадат услови пред распишување на претседателските избори кои се очекува да се распишат во февруари месец да биде избрана антикорупциска комисија, па макар и по новиот закон – реагираше Илија Димовски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.