В сабота, во скопскиот хотел „Хилтон“ ќе биде одржанa промотивна конвенција на новата политичка партија Интегра-Македонска конзервативна партија.  Потребните потписи за  регистрација се веќе обезбедени.

Претседател на партијата ќе биде Љупчо Ристовски, доцент (професор) на политички науки и политички системи, разрешување на конфликти и регионална и меѓународна безбедност, како и доктор по теологија со завршени докторски студии по теологија во САД.

Интегра-Македонска конзервативна партија е единствената партија на македонската политичка сцена која се појавува со заокружена и компактна вредносна конзервативна либертаријанска идеологија. Индивидуата највисоко на општественото скалило,а државата во втор план. Умерена десна опција, која цели кон македонско национално единство, сплотување на нацијата и прекинување на сите видови на делби и раздори внатре во македонското национално ткиво, како врвна стратегиска цел, вели за Пресинг Тв, Ристовски.

Според него, либертаријанскиот модел има потнцијал за враќање на сцена на слободата на духот на поединецот и слободата на духот на нацијата. Интегра, вели, има изградено автохтон, изворен модел за решавање на горливите сидра на бескрајната македонска транзиција. Притоа ги набројува вкупниот долг на државата, финансиската дупка во здравствениот и пензинскиот фонд, претрупаната јавна администрација, последиците од криминалната приватизација и справување со шемата на криминално изнесените милијарди долари на светски рај дестинации…

Со иновативен модел, проект ЗАХЕЈ, една третина од повратените средства ќе бидат вратени на народот по принципот „од народот за народот“ како извинување  од владата за последиците од криминалната приватизација, бескрајната транзиција и нарушеното достоинство на македонскиот граѓанин, вели Ристовски.

Потпретседател на партијата ќе биде проф.д-р Александар Главинов, а во најтесното раководство влегуваат уште проф.д-р Марина Малиш Саздовска, генералот Миле Манолев, проф.д-р Страшко Стојановски, м-р Зоран Ристовски. Тимот го претставуваат искусни професионалци, како и млади луѓе, кои зад себе веќе имаат врвни професионални кариери.