Околу 300 лица дневно бараат совет на телефонот во Итната медицинска помош (ИМП) главно поради поради зачестена главоболка, вртоглавица, промени во крвниот притисок, влошено хронично заболување, малаксаност, дијареа, нагони за повраќање, зголемена телесна температура, грипозна состојба…

Како што велат од ИМП за МИА, овие состојби периодов главно се предизвикани поради разликата меѓу високата дневна и ниската ноќна температура. Главоболки се забележани кај целата популација, од мали деца, школски деца, возрасни, па до старата популација. Во ИМП за едно деноноќие имаат по околу 100 интервенции со возило, што е, како што велат, вообичаена бројка.

Организмот реагира со такви главоболки и вртоглавици. Болката е како мигренозна. Ниту една популација не е изоставена од главоболка. Кај децата се јавува од исти причини како и кај возрасните. Ако има и други пропратни симптоми испраќаме возило – истакнува раководителот на Итната медицинска помош, Маргарета Трифуновска.

Во врска со тоа што треба луѓето да прават при ваква состојба, лекарите препорачуваат до граѓаните често да одмораат, да пијат витамини Ц, Б, да имаат соодветен режим на исхрана, намален стрес доколку е можно, зголемена физичка активност кога не е загаден воздухот.

Како што посочува Трифуновска, децата не треба да седат подолго време пред компјутер или со телефон во рака. Возрасните, пак, за да се намали притисокот што го чувствуваат во главата треба да избегнуваат кофеин, цигари, алкохол.