Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили на територија на градот Скопје. Причината е поради 12 нови случаи.
Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани во градинките, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.
Осум од заразените се хоспитализирани на инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.
Филипче додаде дека здравствените власти ја држат ситуацијата под контрола и дека се прават увиди на сите пунктови за вакцинирање.
Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка , посочи министерот.
Тој потенцира дека во Србија и Романија има епидемија на морбили и рече дека станува збор за исклучително опасна и смртоносна болест. Додаде дека во Србија починале 30 лица, а во Романија – 50.
Морбилите се сметаат за тешко заболување, може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и менингитис.
Од Институтот за јавно здравје велат дека пред 1972 година имало епидемии со преку 1250 смртни случаи и над 12 илјади заболени, пред да се воведе вакцината.
Comments are closed for this post.