Во својот патетичен излив на патриотизам на последната собраниска седница посветена на пратенички прашања, премиерот Зоран Заев уште еднаш ни покажа и докажа дека нема ни елементарно познавање на историјата.
Уште повеќе, ни ја повтори неговата ментална матртица на класичен необолшевик, па вината за неуспехот на надворешната политика околу одржувањето на меѓувладината конференција за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ се обиде да ја префрли на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
И оваа матрица е многу добро разработена од деценискиот македонски и југословенски комунистички лидер Лазар Колишевски, што може да се види во книгата на Драган Кљакиќ насловена како „Времето на Колишевски“.
-Периодот од 1924 до 1935 година е се уште недоволно истражен и дефиниран. Постојат повеќе мислења особено за карактерот на ВМРО-некои ја споменуваат и ја толкуваат како изворна ВМРО со двата Гоцеви принципа: беспоштедна борба против Отоманското царство и непомиртлива борба против бугарскиот империјализам; други автори под ВМРО подразбираат се, и централисти, и врховисти и разни леви или десни фракции и сл. Се додека науката точно не го дефинира ова мошне актуелно прашање, н ајверојатно е дека и натаму ќе има недоразбирања и веројатно погрешни толкувања, а сигурно е дека ќе има и луѓе кои од незнаење или од недоразбирање ќе се наоѓаат де на едната де на другата страна на ВМРО. Едно од основните прашања, што историчарите и историјата треба да го симнат од дневниот ред е дали ВМРО, како националноослободително движење, е автохтона, чиста и без туѓи влијанија или е организација која со времето, од разни причини и поводи, се претворила во оружје на туѓинци, ги напуштила изворните идеи и принципи и застанала од другата страна на идеалот за самобитност, слобода и независност-на страната на тероризмот.
Вака, само на кратко, зборувал Колишевски за ВМРО. Значи, етикетирање на организацијата, чисто идеолошки, комунистички, без научно таа да биде обработена од страна на историчарите и историографијата. Но, од тогаш е поминато време и работите колку-толку стануваат појасни.
Заев, пак, вчера, од собраниската говорница, во контекст на бугарското вето, побара од ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да каже дали е против патоказот и формулацијата за македонскиот јазик во преговорите со Бугарија, па меѓу другото, ќе запраша:
-Вие тоа не го помагате, зборувајќи за чиста Македонија, зборувајќи за Македонија на Македонците и слично. Кои се всушност вашите ставови, да го штитиме македонскиот јазик и македонскиот идентитет, или по која било цена да се договориме со Бугарија, за да може да станеме членка на ЕУ?
А, потоа следуваше и оценката дека „радикално националистички ориентации на поединци од ВМРО-ДПМНЕ“, биле пречка на нашата држава низ вековите, низ децениите и денес!
Добро, знае ли премиерот Заев кога е формирана ВМРО-ДПМНЕ, без оглед на преземениот континуитет на историското ВМРО? Кои поединци од партијата со радикално националистички ориентации, внимавајте, низ вековите, низ децении и денес биле пречка на нашата држава? А, која е и како се вика таа држава?
Премиерот Заев го (зло)употреби континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ со историското ВМРО за да ја прогласи по којзнае кој пат за антидржавен елемент. Но, тоа ни случајно не оди заедно со неговиот предлог за името на државата Илинденска Република Македонија.
И ова од една страна. Од друга, пак, повторно неговата необолшевичка ментална матрица целосно крахира. Зашто, прво се обиде на ВМРО-ДПМНЕ да и ја подметне паролата за некаква „чиста Македонија“, што апсолутно не соодветствува со штотуку прокламираната „Македонија за сите луѓе“. И второ, повторно покажа дека нема врска од историја, особено околу потеклото и значењето на паролата „Македонија на Македонците“. Ај малку нека прогугла самиот нешто, а не се да остава на неговата пи-ар машинерија. Белки ќе научи нешто околу тоа од кога и од каде потекнува, кој се ја користел и што во суштина значела. Сигурно ќе му треба кога ќе зборува со брат му цар Борис(ов) или со Румен Радев.
Comments are closed for this post.