Пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур има околу 300 предмети од Република Македонија.

Ова денеска го истакна претседателот на ЕСЧП, Роберт Спано, кој притоа не можеше да го наведе точниот број на предмети и да посочи на која основа се водат.

– Има реформи во Врховниот суд и во Апелационите судови, така што сметам дека ова е процес кој ќе продолжи во правец на подобрување, изјави Спано на заедничката прес конференција со министерот за правда Бојан Маричиќ, запрашан дали македонските судови се подобруваат во однос на времетраењето на судските случаи.

За претставката за должината на притворот на Орце Камчев, Спано не сакаше да коментира, бидејќи, како што рече, тој бил во процес на разгледување, и не е информација за која може да зборува на прес конференција. Новинарите кои се интересираа за тоа ги упати да достават писмено барање до судот во Стразбур.

Спано додаде дека Судот во Стразбур и натаму нема алатка како да ги направи извршни своите пресуди или да го следи нивното извршување. Односно, како пресудите донесени од негова страна, да направи тие и да се почитуваат од земјите на кои се однесуваат. Но, дека земјите треба да се самите одговорни дека со потпишување на некаков акт со одредена институциј, треба и да ги применуваат нејзините одлуки.

Најексплицитен пример секако е со 14-те пресуди за Бугарија, поради тоа што не дозволува да се регистрира партијата на Македонците, Омо Илинден. Но, Бугарија досега ја нема спроведено оваа пресуда.

Министерот Маричиќ одговори за значењето на Протоколот 16 кој се потпиша во септември за време на неговата посета на Стразбур.

-Тоа е алатка која е во функција да го подобри дијалогот и комуникацијата меѓу највисоките судски органи. Она што треба да го одредиме во моментов е нивото на судовите кои ќе бидат вклучени како што се Врховниот, апелационите судови, па дури и Уставниот суд. Може Врховниот суд да побара мислење за некој повеќегодишен предмет од Европскиот суд за човекови права, при што очекувањата се да се скрати времето, како и да се намали бројот на претставки до Судот во Стразбур, изјави тој.