На пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски обвинет за случувањата во Собранието од 27 април му се укинува мерката куќен притвор.
Кривичниот суд утринава донел решение дека паричната гаранција која ја понудил му се прифаќа и одредени му се мерки на претпазливост.
Кривичниот совет на одделението за Организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната С.В., обвинет во предметот поврзан со настаните од 27.04.2017 година во Собранието, донесе решение со кое ја уважи понудената гаранција во недвижен имот и ја укина мерката куќен притвор, а заради обезбедување присуство во текот на постапката му определи мерки за претпазливост и тоа Обврска на обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Охрид и привремено одземање на патната исправа како и забрана за издавање нова , информираат од судот.
По одлуката на судот, Василевски ќе може да присуствува на пленарните седници во Собранието каде во тек е расправата за уставни измени.
Во куќен притвор засега остануваат неговите колеги Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, кои исто така имаат поднесено жалби на ваквата мерка.
Comments are closed for this post.