Познат е идентитетот на загинатиот планинар на планината Олимп. М.Г. од Скопје роден 1962 година е планинарот којшто загина на планината Олимп, потврдуваат од МНР.
Од таму велат според нивните првични сознанија по сведочењето на очевидци, планинарот на 100 метри пред планинарскиот дом „Спилиос Агапитос“ изгубил рамнотежа по што баднал во бездна.
За утре во Солун е предвидена обдукција на телото која треба да даде одговори кои се причините за падот. Противпожарни екипи и полиција на Литохоро учествувале во извлекување на телото.
Семејството е известено од страна на друг планинар којшто бил дел од тимот планинари.
Од МНР велат дека се во постојан контакт со Конзулатот и за сите детали јавноста ќе биде информирана
Денес изутрина МИА ја објави веста за трагичниот настан со македонскиот планинар.
Според информациите на МИА, станува збор за група од околу девет лица од Македонија кои планинареле на Олимп. До несреќата дошло кога на мажот или му се слошило или добил срцев удар по што паднал во провалија, а обдукцијата дополнително ќе ги утврди точните причини за смртта.
Во пренесувањето на телото од местото на несреќата во планинарскиот дом „Спилиос Агапитос“, што се наоѓа на надморска височина од 2.100 метри интервенирале 14 припадници на специјалната спасувачка единица и на противпожарната служба од Литохоро.
Comments are closed for this post.