Пожарникарите од територијалните противпожарни единици во Република Македонија ги поддржаа ставовите на припадниците на Армијата на Република Македонија и со отворено писмо на највисоките политички претставници им порачаа ја немаат нивната поддршка за пазарење со виталните вредности на нашата држава.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

До целата македонска јавност:

Почитувани!

Ние припадниците на Територијалните противпожарни единици во Република Македонија, ја известуваме целата македонска јавност и сите дипломатски и други претставништва на странски држави и меѓународни институции во Република Македонија, за следново:

Ги поддржуваме ставовите на припадниците на Армијата на Република Македонија, изнесени во нивното вчерашно известување за јавноста. Во наведеното известување, припадниците на Армијата на Република Македонија, известија дека застануваат во одбрана на македонските национални интереси а во контекст на преговорите кои нашата влада ги води со бугарските власти во однос на македонските идентитетски основи (историјата на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет).

Ние припадниците на Територијалните противпожарни единици , будно ги следиме овие настани и известуваме дека рамо до рамо со припадниците на Армијата на Република Македонија, ќе станеме во одбрана на нашите национални и државни интереси. Нашата политичка елита, ја известуваме дека прифаќањето на било каков компромис во однос на наведените вредности, ќе го сметаме како непријателски акт кон македонската држава.

Ние ПОЖАРНИКАРИТЕ, сме мултиетнички состав,во нашите единици имаме македонци, албанци, турци, роми, власи, срби и други, но сметаме дека евентуалниот компромис во однос на наведените прашања ќе претставува компромис против сите нас, против сите граѓани на нашата држава, против нашата заедничка татковина Република Македонија.

Уште еднаш апелираме до нашите највисоки политички претставници, ја немате нашата поддршка за пазарење со виталните вредности на нашата држава, немате таков мандат ниту од уставот на државата ниту од граѓаните на Република Македонија.

Доколку посегнете кон некаков компромис во споменатата насока, Ве известуваме дека ќе се соочите со нашиот жесток одговор, кој ќе го искажеме заедно со припадниците на Армијата на Република Македонија и други институции, но и заедно со сите граѓани на нашата држава.

Ние ве избравме не за да владеете со нас, туку за да не претставувате и да ги заштитите нашите а не вашите лични бизнис и партиски интереси.

Нема да ви дозволиме наместо нашите да застапувате туѓи интереси, ние ве избравме ние ќе ве симнеме од позициите на власт.

Со Почит,

Пожарникарите од територијалните противпожарни единици во Република Македонија